Откупната цена на пченицата е реална

10.07.2015 15:46

Со откупна цена од 11 денари - стоп за нелојалната кункуренција од увезеното брашно и намалување на цената на лебот за 10 насто, порачуваат дел од мелничко пекарските компании. Тие сметаат дека цената е реална со актуелните состојби на берзите. Дел од земјоделците пак, се надеваат на некој денар повеќе на име на квалитетот...

По прелиминарниот договор помеѓу земјоделците и мелничарите килограм пченица да се откупува по 11 денари, дел од мелничко пекарските компании најавуваат намалување на цената на лебот за окулу десет проценти.

„Ако се остане на договореното килограм пченица со ДДВ да ја откупуваме за 11 денари, цената на лебот ќе ја намалиме во малопродажба од 20 на 18 денари за векна леб“, вели сопственикот на битолски „Мигрос“, Ејуп Фејзуловски.

Сопственикот на најголемата битолска мелничко преработувачка индустрија вели дека ова е лесно остварливо доколку се исполни владината најава за доплата на производителита од два денари за секој предаден килограм пченица, а од друга страна мелничарите би добиле откупна цена која ќе може да одолее на нелојалната конкуренција и влезот на евтиното српско брашно. За Фејзуловски, обични шпекулации се озборувањата дека на светските берзи цената на пченицата оди во нагорна линија.

„Оваа цена од 11 денари мислам јас за земјоделците е одлична ако се има во предвид дека во Србија цената за килограм пченица е осум денари“, вели Фејзуловски.

Мелничарите признаваат дека дека годинешниот квалитет на пченицата е на повисоко ниво и не ја исклучуваат можноста да се даде нешто плус и на квалитет. Поголемите земјоделци велат дека пченицата ќе ја чуваат и ќе чекаат подобри времиња.

„На овој план берзата за стокови резерви ќе ги отвори силосите во Прилеп и најголемите земјоделци веќе имат закупени силоси за складирање околу два милиони килограми пченица која ќе чека подобри откупни времиња“, вели првиот човек на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров.

На подобри времиња се надева и Пелагонија, која со почетокот на жетвата на пченицата зад себе полека ќе ја остава најлошата земјоделска сезона за последните неколку децении .

Повеќе од јасно е дека годинава нема да се испорачаат количествата пченица како во минатите години. Просечниот род ќе се движи околу 2 тона по хектар.

 

Стевче Митревски