Две нови гасни конекции

10.07.2015 16:09

Ова според министерот Незири ќе овозможи да се зголеми конкурентноста на македонската економија со обезбедување поевтин енергенс за граѓаните и за компаниите...

Две нови гасни конекции треба да ја поврзат Македонија со азербејџанскиот и романскиот гас. Ќе се реализираат преку бугарската интерконекција и преку Грција, преку ЛНГ терминалите. Ова според министерот Незири ќе овозможи да се зголеми конкурентноста на македонската економија со обезбедување поевтин енергенс за граѓаните и за компаниите.

„Едната интерконекција е поврзување со Република Бугарија, а другата интерконекција е поврзување со Република Грција, што значи дека ние како држава ќе имаме дополнителна можност да користиме потенцијални ресурси од страна на Азербејџан, а исто така користење на романскиот гас преку бугарската интерконекција“, вели Беким Незири, министер за економија.

Македонија во моментов го користи рускиот природен гас од Бугарија преку Крива  Паланка. Преку потпишување Меморандум на земјите од Југоисточна Европа и Европската комисија ќе се обезбеди диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, вели Незири, ќе се зголеми енергетската сигурност и ќе се создатат  можности за нови инвестиции. Паралелно со овој проект со десетгодишниот план за разој  на гасификацијата се предвидува земјава да добие природен гас и преку кракот од Албанија.

 

Дијана Ценевска