Ципрас ретерира од тврдата позиција, Брисел пред донесување мерки за Грција

10.07.2015 16:29

Грција до кредиторите достави нов план за излез од кризата и за нов пакет помош од Европскиот механизам за стабилност. На маса се низа реформи, меѓу кои и голем дел од оние кои народот веќе ги отфрли на референдумот, што е знак дека Ципрас ретерира од тврдата позиција. Во Германија воздржаност, Франција оптимист. Еврогрупата оценува дека планот е „темелен“. Кој е следниот чин од грчката финансиска драма?!

„Темелен“ е буквалниот превод на првичната оценка на претседателот на Еврогрупа Јероен Дијселблом за новиот грчки предлог за обезбедување на витална финасиска помош на земјата. Тоа значи дека европската Тројка се задоволни од новиот предлог и како што истакна Дијселблом, нивните напори се движат во насока на задржување на Грција во монетарната Унија.

Новиот предлог на грчката влада кој беше доставен во одредениот рок содржи доста елементи кои практично беа одбиени со референдумот минатата недела. Во текот на денот Европската комисија, Европската Централна банка и Меѓународниот монетарен фонд  ќе го анализираат предлогот и ќе ја достават својата оценка до Еврогрупата. Министрите за финсии ќе одлучуваат утре, додека пак за во недела е закажан вонредниот самит на кои лидерите на државите членки на еврозоната, на кој ќе ги усвојуваат заклучоците.

„Уште не можам да кажам ништо. Текстот е темелен, но се уште треба да се оцени квалитетот. Силната поддршка од грчкиот парламент помага и и обезбедува поголем кредибилитет на Грција, но ќе мора да го разгледаме целосниот финансиски исход, особено финансиската поддршка што ќе биде потребна во наредните години“, изјави претседателот на Еврогрупата, Јероен Дијселблом.

Сепак дури ако европските влади се согласат со сеопфатен пакет за Грција на самитот во недела, одлуката за финсиската помош треба да биде ратификувана од страна на германскиот Бундестаг, како и од страна на парламентите на Финска, Словенија и Естонија.

 

Марина Стојанова-Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ