Бизнисот тече, на удар трговската размена со Грција
Бизнисмените во грч - очигледен стравот од прелевање на грчката криза. Засега немаат позначителни проблеми, ниту големо влијание врз платниот промет на компаниите. Од Сојузот на комори се надеваат дека нема да има влошување на ситуацијата...

Бизнисот со вообичаено темпо, транспортот без проблеми, трговската размна со Грција прва на удар, дефицит од 135,1 милион долари. Бизнисмените во грч - очигледен стравот од прелевање на грчката криза. Засега немаат позначителни проблеми, ниту големо влијание врз платниот промет на компаниите. Од Сојузот на комори се надеваат дека нема да има влошување на ситуацијата.
„Нормално е сите држави со кои граничиме да имаат одредено влијание, но бидејќи кризата во Грција не е прелеана кај нас, сѐ уште не ги чувствуваме ефектите и проблемите кои тие ги имаат“, изјави претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Меѓународните монетарци ја потрдија макроекономската стабилност на македонската економија, со проектиран раст од 3,2 насто – посочувајќи ја како една од најдинамичните во Европа, но предупредија на негативните ефекти од грчката криза и можноста да го забават темпото. Владата веќе подговтува среднорочна стратегија за заштита од грчкото фијаско.
„Се спремаме за стратегија што би била како резултат од евентуални последици од економската криза во Грција, засега нема негативен ефект, но ова ако продолжи согласно теориите на економските неауки да има криза и во Република Македонија што ќе биде резултат на кризата во Грција“, вели министерот за економија, Беким Незири.
Експертите оценуваат – последиците се неизбежни. Директно или индиректно зависни од натамошниот развој на ситуациите. Дали евентуалното излегување на Грција од Еврозоната може да предизвика потреси на европската заедничка валута со која е врзан и македонскиот денар.
„Мислам дека се вкалкулирани ризиците и здравоста на еврото како валута зависи повеќе од монетарните политики на системот на федерални резерви во САД, и Европската централна банка, отколку од она што ќе се случува во Грција“, вели универзитетскиот професор Трајко Славевски.
Смирувачки сигнали од Народната банка – се контролираат операциите на банките со грчки капитал- банкарскиот сектори влоговите се стабилни, нема потреба од помош однадвор.
Сузана Фиданска- Стоевска
