Пешаците- најзагрозена категорија во сообраќајот
30 дена притвор му е одреден на возачот кој вечерта на 7-ми јули ја усмрти новинарката Сузаната Тодоровска - Павловска кај трговскиот центар „Зебра“. Истрагата покажа дека бил под дејство на алкохол и дрога. Зачестија случаите со смртни последици на македонските улици и патишта. Црната статистика вели дека најопасно е во Скопје...

Дивеењето на патиштата и непочитување на сообраќајните знаци – најчеста причина за црниот биланс на македонските коловози. И натаму најзагрозени се пешаците. Страдаат најмладите, но и возрасните. Само во првата половина од годинава загинале 60 луѓе во сообраќајќи. Најкритично е во главниот град.
„Во првите пет месеци имаме пет загинати лица, за разлика од истиот период лани кога беа шест загинати лица. Повторно морам да констатирам дека четири од овие пет загинати лица годинава се пешаци“, вели Боби Ѓорѓиев, СВР Скопје.
Пешаците се загрозени дури и кога ги почитуваат сообраќајните правила, како во случајот на загинатата новинарка која настрада на тротоар во близина трговскиот центар „Зебра“. На 37 годишниот возач, му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Од Јавното Обвинителство велат дека добиените сознанија од анализата на крвта и урината на возачот на автомбилот покаживаат дека тој бил под дејство на алкохол и дрога. Во крвта му се пронајдени 1.52 промили, и состојки што ги содржи растението канабис.
Пешаците се една четвртина од вкупниот број жртви во сообраќајните незгоди на македонските патишта, а дел од таа бројка се и деца.
Сунчица Николоска
