Баварија во шок: Вооружено момче од автомобил во движење уби две лица

10.07.2015 16:15

Вооружено момче од автомобил во движење отворил оган. Најмалку двајца се убиени, повозрасна жена и велосипедист. Германската полиција со хеликоптреска поддршја го уапси напаѓачот, а исклучена е можноста дека се работи за терористички напад...

18-годишно момче во сребрен Мерцедес – вака го опишуваат очевидците напаѓачот што уби две лица во германската покраина Баварија. Во возење отворил оган кон случајни минувачи. Прво убил 82-годишна жена, па го продолжил дивеењето низ Ансбах и смртно застрелал 72-годишен велосипедист.

„82-годишната жртва била застрелана од лицето во автомобилот, кое продолжило и го застрелало велосипедистот. Понатаму пукало во возач на трактор и на друго возило или само им се заканил, не знаеме точно“, изјави Петер Сандман, портпарол на полицијата.

По поминати околу 35 километри, напаѓачот им се заканувал со пиштол на вработени во локалната бензинска станица кои го совладале и го врзале со кабли. Полицијата со хеликоптерска поддршка го уапсила напаѓачот, откако се увериле дека не носи експлозив на себе.

„Возилото беше лоцирано на бензинската станица и возачот е уапсен“, вели Сандман.

Надлежните ја исклучуваат можноста дека се работи за тероризам. По првиот шок, Германците повторно потресени - нападот е нешто неверојатно за градче од само 5.500 жители, кои за такво нешто слушнале само на телевизија.

Не е познат мотивот на момчето, но се верува дека имало психички проблеми и во моментот на апсењето изгледало збунето. Се очекува да биде испратено на психијатриска анализа.

 

Ивана Салтировска