Струмичкото јавно обвинителство интензивно работи на хеликоптерската несреќа
Една година по хеликоптерската несреќа кај Струмица, во која загинаа четворица припадници на полициската воздухопловна единица, обвинителството ги презема сите истражни мерки за откривање на причините. Но, се уште не може да се говори за кривична одговорност на физично или на правно лице...

На 68 страници напишани се наодите и информациите кои ги собра специјалната комисија за истражување на хеликоптерската несреќа што се случи точно пред една година кај Струмица, а во која загинаа четворица врвни пилоти на македонската полиција. Извештајот е предаден кај Основното обвинителство во Струмица, кое уште кон крајот на јуни ги побарало сите детали од истрагата на Комисијата. Според писменото соопштение од Јавното обвинителство, надлежниот обвинител испратил барање до Министерството за правда за посочување лиценцџирани вешти лица од областа или пак институција од друга држава која може да направи потребно вештачење согласно законот за кривична постапка.
„Напомнуваме дека во моментов сеуште не може да се говори за кривична одговорност на физичко или правно лице. Комисијата за испитување на хеликоптерската несреќа ги испитуваше причините, без притоа да ја утврдува вината за случениот трагичен настан. Јавно обвинителската истрага за урнатиот полициски хеликоптер продолжува натаму и интензивно се врши во надлежното обвинителство. Станува збор за обемен материјал и бројни извештаи, наоди, податоци кои треба да се приберат, да се разгледаат и анализираат и потоа да се дадат на вештачење. Јавното обвинителство потенцира дека во следниот период по целосното прибирање на материјалот побаран со наредба и негова анализа, а по добиениот наод и мислење на вешто стручно лице, ќе се донесе јавно обвинителска одлука за тоа дали постои, каде и кај кого евентуална лична кривична одговорност за падот на хеликоптерот“ - се вели во соопшението од Обвинителството.
Цела година трае истрагата, за да се откријат причините за уривањето на полицискиот хеликоптер кој удри во 120 метарски столб на македонската радиодифузија. Од обвинителството велат дека преземени се сите истражни мерки за целосно разрешување на случајот.
Хеликоптерот „МИ 17“ на МВР при ноќен тренажен лет на релација Скопје-Кавадарци-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и обратно се урна во близина на кванташкиот пазар во Струмица, а животот го загубија Драги Мицев, началник на воздухопловните сили во МВР, Маријан Трајковиќ, пилот-капетан, Тоде Орешков, воздухопловен инспектор за лиценцирање на воздухопловен персонал, и Илјо Лопатички, командир-пилот сите со над 34 години работен стаж.
Во нивна чест во аеродромската база „Брест“ во Петровец денес беше откриено спомен обележје.
Катерина Давчева
