Во Охрид заврши 54- тото издание на „Балканскиот фестивал на народни игри и песни“

12.07.2015 15:44

Балканскиот фестивал на народни игри и песни- со својата програмска определба веќе одамна ги надмина националните и географските бариери, станувајќи низ децениите наназад - место за средба на традициите и културните достоинства на народите...

Во организација на националната установа  Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид, а под покровителство на Собранието на Р.Македонија и подржан од Министерството за култура на Р. Македонија,општината  и МРТ како медиумски покровител, во Охрид традиционално во периодот од 6 ти до 11 јули веќе 54 години на сцената на „Долни Сарај“ се одржa  една од најстарите  и најреномирани културни манифестации од ваков тип, не само кај нас и не само на Балканот туку и многу пошироко.

Балканскиот фестивал на народни игри и песни- со својата програмска определба веќе одамна ги надмина националните и географските бариери, станувајќи низ децениите наназад - место за средба на традициите и културните достоинства на народите.

Со целовечерен концерт на 6- ти јули по свеченото отварање на фестивалот од страна на претседателот на Македонското собрание - господинот Трајко Вељановски, настапи националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија Танец, на 07 јули  настапија - ансамблите „Шиљаковина“ од Хрватска и „Истанбул- Кадикој“ од Турција, потоа следуваа настапите на ансамблите „Лани“ од Полска„ Македонка“ од Торонто и „Вила“ од Нови Сад а потоа следуваа настапите на културно уметничките друштва - „Дримкол“ од Вевчани, „Копачка“ од село Драмче, ансамблот „Бертина“ од Унгарија  КУД „Бисер“ од Кичево кои професионално си одиграа до крај и покрај тоа што поголемиот дел од публиката се разбега поради вистинскиот пороен дожд и грмотевиците  пред 22 часот. 

Во петокот на 10-ти јули сцената беше резервирана за  настапите на ансамблот Кирениа од  Северен Кипар и КУД „Ѓердан“ од Охрид, а на свеченото затварање на 11-ти јули настапија гостите од ансамблот „Софија шест“од Бугарија и ансамблот „Отексфолк“од градот домаќин.

Од 1961година - до денес на сцената на оваа реномирана фестивалска манифестација продефилираа стотици фолклорни ансамбли и илјадници играорци и музичари од земјите  на сите континенти, потврдувајќи ја единствената вистина дека сличностите не зближуваат, но различностите им ја даваат неповторливата уникатност на културните идентитети како влог, но и  легитимитет на секој народ во општочовечкото цивилизациско наследство.

По завршувањето на Балканскиот фестивал, веќе на 12- ти јули со свечено грандиозно  отварање започнува 55- тото јубилејно издание на годинашнава манифестација „Охридско лето“ - најстарата и најреномираната манифестација од областа на културата кај нас, но и во пошироки меѓународни рамки.