Курц и Штајнмајер разговарале и за Македонија
Западен Балкан и интеграциите на земјите од регионот во ЕУ имале централно место во разговорите во Берлин меѓу шефовите на дипломатиите на Австрија и на Германија - Себастијан Курц и Франк Валтер Штајнмајер, информираат германските медиуми.
Западен Балкан и интеграциите на земјите од регионот во ЕУ имале централно место во разговорите во Берлин меѓу шефовите на дипломатиите на Австрија и на Германија - Себастијан Курц и Франк Валтер Штајнмајер, информираат германските медиуми.
„Во детали разговаравме за ситуацијата на Западен Балкан, зашто таа не е иста во различни земји. Долго разговаравме за состојбата во Босна и Херцеховина,и во Македонија. И покрај нашите напори, верувам дека не може да се очекува од оваа наша средба да донесеме предлог-заклучоци за регионот, за Западен Балкан“, истакна Штајнмајер одговарајќи на новинарско прашање - Дали договориле Германија и Австрија заедничка надворешна политика во однос на Западен Балкан.
Инаку, шефот на германската дипломатија истакнал дека Унијата треба да остане доследна на ветувањата за европските перспективи на земјите, но притоа не смее да се изгуби од вид исполнувањето на бараните предуслови.
„За Австрија, Западен Балкан како регион е особено интересен не само поради соседството, туку и од стопански и од безбедносен аспект. Ние сме силно заинтересирани за стабилноста и убеден сум дека на целиот регион му е потребна европската перспектива“, изјавил Курц, додавајќи дека и натаму останува секоја земја да ги исполни критериумите. „Исклучоци не смее да има за ниту една земја од Западен Балкан“, оценил австрискиот прв дипломат.
Со своите 27 години Себастијан Курц е без конкуренција најмладиот шеф на дипломатијата во историјата на Австрија и на Унијата воопшто. И во Берлин тој остана доследен на своите определби за форсирање на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Ова беше тема и на неговите претходни две патувања во Загреб и во Брисел, каде што по разговорите со комесарот за проширување Штефан Филе го сврте вниманието на австрискиот печат, откако отворено се конфронтираше со Атина поради блокадата на македонските интегративни процеси којашто трае од 2005-тата година, кога земјата го доби кандидатскиот статус.
