БРИСЕЛ

Нов заем, но и сериозни реформи за Грција

13.07.2015 12:51

До крајот на неделава грчкиот Парламент треба да го поддржи главниот дел од одлуката, меѓудругото и одвојувањето на фондот од 50 милијарди евра грчка државна сопственост. Фондот ќе биде управуван од надзорен орган, при што ќе биде остварен профит, со кој ќе се извршува враќање на долгот...

По 17 часовни преговори, лидерите на земјите од еврозоната едногласно решија да и дадат нов заем на Грција во рамките на третата спасувачка програма. До крајот на неделава грчкиот Парламент треба да го поддржи главниот дел од одлуката, меѓудругото и одвојувањето на фондот од 50 милијарди евра грчка државна сопственост. Фондот ќе биде управуван од надзорен орган, при што ќе биде остварен профит, со кој ќе се извршува враќање на долгот. Другата можност е приватизирање на таа сопственост и добиените средства повторно да бидат насочени кон исплаќање на задолженијата кон кредиторите. Претседателот на еврозоната Јерун Дејселблум изјави дека до почетокот на преговорите за спогодбата, Атина ќе добие „преоден заем“.

Се согласивме на многу прашања и ќе бидат потребни екстра напори за Грција да се врати на патот“, изјави Јерун Дијселбум, претседател на еврозоната.

И Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск го потврди договорот за програма за помош за Атина со што ќе се избегне банкрот на земјата и излез од еврозоната.

Одлуката е шанса на Грција да се врати на патеката со европските партнери, при што социјалните, економските и политичките консеквенци се избегнати од можниот негативен исход на преговорите“, нагласи Доналд Туск, претседател на Европски совет.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека договорот ќе и овозможи на Грција да остане во монетарната унија под услов да ги почитува правилата на Европската унија.

Европските лидери успеаја да ја постигнат главната цел на преговорите - да го зачуваат единството и солидарноста на еврозоната“, истакна Франсоа Оланд, претседател на Франција.

Германската канцеларка Ангела Меркел, која ја одигра клучната улога во преговорите, истакна дека, сепак, довербата е загубена, но дека договорот е мирен и најважно е тој да се имплементира.

Европската централна банка очекува враќање на три милијарди евра од Грција и Еврогрупата ќе работи на ова. Договорот нуди можност Грција да се врати на патот на економскиот раст, но ќе биде потребно долго време“, рече Ангела Меркел, канцелар на Германија.

Според Меркел довербата треба да се врати и дека Грција по сегашната програма со Меѓународниот монетарен фонд, што истекува во пролет 2016 година, ќе бара нов фонд. Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека излегувањето на Грција од еврозоната е минато и дека договорот ќе и овозможи на Грција да застане на нозе.

Бевме соочени со тешки решенија и одлуки. Водевме сурова борба и се боревме до крај за да добиеме најдобро решение. Договорот е тежок, но спречивме план за финансиско задушување на Грција“, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција.

Третата исплата на помош на Грција во наредните три години ќе изнесува 87 милијарди евра, при што грчкиот Парламент во ток од два дена ќе мора да усвои строги мерки на штедење, по што и националните парламенти на останатите 18 земји од еврозоната треба да дадат „зелено светло“ за најновиот заем.

 

Марина Автовска