Грандиозен старт на „Охридско лето“
„Кармина Бурана“ го разгоре фестивалскиот оган на јубилејното 55 – то „Охридско лето“. Едно од најмаркантните дела, сценската кантата во изведба на шпанскиот ансанбл „Ла Фура Дел Баус“ синоќа во Античкиот Театар допре до сетилата на повеќе илјадната публика...

Охрид светна во полн сјај. На Петровден, повторно центар на светската уметност. „Кармина Бурана“ на Карл Орф во изведба на познатиот шпански ансамбл „Ла Фура Дел Баус“ го отвори 55-то јубилејно „Охридско лето“.
Во античкиот театар се разлејаа звуците на познатата кантата, во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и на Македонската филхармонија. На сцената настапија околу 200 изведувачи, покрај музичките, и видеоефекти. Традицоналното „Охридско лето“ не збогатува духовно, премостува Бариери на времето и просторот– на отворањето во Античкиот театар, рече претседателот Иванов.
„Човештвото како да заборава да погледне во огледалото на уметноста. Растргнати сме меѓу безројните избори и можности што ги нуди технологијата, без да знаеме на што точно да се посветиме. Се чини дека светот никогаш порано не бил толку материјално богат, а истовремено толку духовно сиромашен“, нагласи претседателот Иванов.
Во 40-те фестивалски денови ќе учествуваат ексклузивни уметници од светски ранг. Гостувања и на ансамбли од Европа и од целиот свет, над 30 музички настани, 14 театарски претстави и изложби.
„Оваа година за јубилејното 55-то издание ја вложивме целата креативна енергија да имаме едно големо соѕвездие на врвни светски уметници“, изјави Гордана Јосифова – Неделковска, музички селектор на „Охридско лето“.
Селекторот на драмскиот дел, Ѓорѓи Јолевски вети многу новитети, четири премиери на македонски продукции, а во секоја од нив учествуваат странски режисери и продуценти. Драмската програма почнува вечерва со претставата „Неопланта“.
Овој грандиозен спектакл, досега го имаат видено сто илјади посетители од цел свет-Јужна Америка, Шпанија, Италија и Франција.
Александра Перевска
