Ново поглавје за болницата „Свети Наум Охридски“
По 50 години, Градската болница во центарот на Скопје конечно ќе се реновира по сите европски стандарди. Секоја соба ќе има максимум три болнички кревети со сопствен тоалет, ќе бидат модернизирани операционите сали, ходниците, а дополнително ќе биде изграден и нов лифт...

Болницата за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ отвора ново поглавје во својата историја. По 50 години, Градската болница во центарот на Скопје конечно ќе се реновира по сите европски стандарди. Секоја соба ќе има максимум три болнички кревети со сопствен тоалет, ќе бидат модернизирани операционите сали, ходниците, а дополнително ќе биде изграден и нов лифт за да им се олесни работата на лекарите. Реновирањето на објектот почнува во август и ќе биде изведен во неколку фази.
„Првата фаза е припремна, втората е околу 45 дена кога болницата нема воопшто да работи, тоа е делот кога ќе се реновираат комплетно операционите сали и болничките соби и во третата фаза ќе се надополнува постоечката апаратура со нова“, вели директорката на болницата, д-р Јасмина Чабуковска.
Покрај модернизацијата, болницата ќе добие и нови медицински апарати. Директорката Чабуковска очекува на овој начин да се подигне здравствената грижа за пациентите, а тоа ќе значи и подобри услови за работа на медицинскиот кадар.
„Веќе една тендерска постапка е во тек, се очекува втората во најскоро време да излезе. Ќе се модернизира и одделот на операциони сали“, изјави д-р Чабуковска.
Болницата „Свети Наум Охридски“ е изградена во 1933-та година. Пред 15 години беше реконструирана фасадата и отворен центарот за изгореници. Оттогаш, па досега воопшто не е интервенирано во внатрешноста на објектот.
Последните анализи покажуваат дека годишно во болницата се даваат околу 220.000 клинички услуги, а од година на година расте бројот на пациенти. Во болницата работат 380 здравствени работници, а 63 во минатиот месец добија трансформација на работниот однос.
Викторија Милевска
