Авиотранспорт

„Рајан Ер“ преговара со Владата

13.07.2015 16:29

Aвиопревозникот во допис до Македонската Телевизија, потпишан од менаџерот за комуникации Ронан О’Киф ги потврдува плановите за земјава, но засега не се откриваат повеќе детали...

„Рајан Ер“ е на пат да ја засили конкуренцијата меѓу нискотарифните авиокомпании кои оперираат од и до македонските аеродроми. Aвиопревозникот во допис до Македонската Телевизија, потпишан од менаџерот за комуникации Ронан О’Киф ги потврдува плановите за земјава, но засега не се откриваат повеќе детали.

„Во моментов сме во преговори со македонската Влада за потенцијални рути од Скопје. Во овој момент не би можеле ништо друго да кажeме“ – велат од компанијата за МТВ.

Неофицијално, се разгледува можноста по истиот принцип како и во случајот на „Виз Ер“, компанијата со субвенции и финансиска поддршка да почне со операции во земјава. Информацијата дека се преговара со водечка светска авиокомпанија ја соопшти деновиве и премиерот Груевски, но и тој како и претставниците на „Рајан Ер“ не откри детали.

„Ние сме веќе во преговори со една од најпознатите нискотарифни авиокомпании во светот за воведување нови линии, кои Скопје и Охрид би ги поврзале со различни градови во и надвор од Европа. Сепак, се работи за преговори, не би давал повеќе детали, бидејќи не практикуваме да даваме повеќе информации пред да заврши целиот процес “ – изјави неодамна премиерот Никола Груевски.

Евентуалниот влез на „Рајан Ер“ во Македонија се очекува значително да го зголеми бројот на патници и да овозможи нови дестинации за македонските граѓани.

Официјалните податоци на концесионерот со македонските аеродроми ТАВ покажуваат дека во првата половина од годинава, бројот на патници е зголемен за 13,8 проценти и веќе надминал 634 илјади. 56,6% проценти од нив ги користеле услугите на нискотарифните компании.

„Рајан Ер“ е водечки европски нискотарифен авиопревозник со седиште во Даблин. Компанијата дневно реализира повеќе 1.600 летови од 74 бази, и поврзува 190 дестинации во 30 држави. Вкупно вработува повеќе од 9,500 луѓе. Во просторот на поранешна Југославија, „Рајан Ер“ е активен во Црна Гора, како и во Хрватска за време на летниот период. Во регионот ја има уште во Грција и во Бугарија.

Мартин Пушевски