ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ доставија до Собранието нов Закон за лустрација

13.07.2015 16:35

ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ до Собранието доставија предлог за нов Закон за лустрација, со кој се предвидува од први септември да престане важноста на сегашното законско решение. Предлогот ќе оди по редовна постапка. Преиспитувањето на целиот процес на лустрација беше препорачано во последниот извештај на експертскиот тим на Европската Комисија.

Двајцата потпретседатели од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и координаторите на пратеничките групи на мнозинството,се потписници на новиот закон за лустрација со кој се предлага престанок на важноста на сегашниот закон.Причините за овој потег Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ ги бара во фактот што процесот на лустрација траеше подолг период,а е извлечена и поуката. Низ филтерот на лустраторите досега поминале околу 30 илјади лица,а се лустрирани над 300. Преиспитувањето на целиот процес на лустрација беше препорачано и во последниот извештај на експертскиот тим на Европската Комисија.

„Од друга страна,потребата од намалување на конфликноста во политичкиот сегмент од нашето општество и од трета страна, препораките од ЕУ,од извештајот на Прибе,од препораките што доаѓаат од кабинетот на еврокомесарот Хан, беа во насока на утврдување на вакво завршување на процесот на лустрација“, изјави Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Според предлог законот, од 1-ви септември, Комисијата за верификација на фактите, нема да има мандат да покренува нови постапки а за оние што се почнати, ќе се завршат според постојната регулатива. Лицата кои добиле конечни решенија, како соработници на поранешните тајни служби,нема да може да вршат јавна функција во период од 5 години. Се бара од комисијата да го предаде и регистерот на соработниците и целокупната документација на Државниот архив. Димовски процесот на лустрација го оценува како успешен, иако вели, беше оспоруван. Додава дека целта не беше некој да биде казнет, туку да се извлечат поуките како не треба да функционира едно демократско општество.

„Ги разбирам сите оние што беа лустрирани во смисол на нивниот отпор кон законот за лустрација,но не би сакал мешање на лончињата. Значи, тие не беа жртви, иако сакаат себеси да се претстават за жртви. Жртви биле оние што биле кодошени, оние што им биле одземани основните граѓански права, биле затворани, губеле работни места“, нагласува Димовски.

Мандатот на комисијата ќе заврши со конечното заокружување на почнатите постапки. Предлогот ќе оди по редовна процедура. Отворени сме за сугестии и за евентуалните препораки и од опозицијата што учествува во работата, но и од опозицијата што го бојкотира законодавниот дом, вели Димовски.

 

Милчо Велески