Анкета на ИРИ: За Македонците најважно прашање е проблемот со името

13.07.2015 16:49

Признавање на името на државата и почеток на преговорите со ЕУ се најважни политички прашања за испитаниците од анкетата на ИРИ. На оваа анкета ВМРО-ДПМНЕ е со повеќе од двојна предност пред СДСМ. Меѓу лидерите на политичките партии, пак, премиерот Груевски е со најголема доверба...

За анкетираните граѓани најважното надворешно политичко прашање е признавање на името на државата Република Македонија за што се определиле 29% од испитаниците, додека 23% сметаат дека тоа е почеток на преговори со ЕУ.

Референдумски 80% од граѓаните поддржуваат Македонија да стане член на ЕУ, а само 14% се изјасниле дека се против државата да стане дел од Европското семејство.

За членство на земјава во НАТО позитивно се изјасниле 83 %, а 12 биле против.

На прашањето дали сте ги слушале прислушуваните разговори објавени од опозицијата, 37% одговориле дека ги имаат слушнато најголемиот дел од тие разговори, а 43% имаат слушнато некои од разговорите, само 14% ги немаат слушнато, иако биле информирани за нив.

На оваа анкета ВМРО-ДПМНЕ е со повеќе од двојна предност пред СДСМ. Владејачката партија  убедливо води со 23% доверба меѓу граѓаните, наспроти политичкиот опонент во кого веруваат  11% од анкетираните.

Меѓу лидерите на политичките партии, пак, премиерот Груевски е со најголема доверба. Во него веруваат 18% од анкетираните граѓани, во Зоран Заев доверба имаат 7% од испитаниците. Али Ахмети има 6% доверба, а Менудх Тачи има доверба од 2% од граѓаните.

Теренската анкета на Интернационалниот републикански институт е направена од 6 до 15 јуни врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници.

 

Наташа Гркова- Петрушевска