Хан на средби со политичките лидери
Еврокомесарот за проширување и европска политика Јоханес Хан, во Скопје на средби со лидерите на четирите политички партии. Обид да издејствува конечен договор за политичката криза во земјава. Откако во ЕУ инфоцентарот се сретна со Ахмети и Тачи, во резиденцијата во Пржино има разговори со Груевски и со Заев. Присутна е и европската тројка европратеници, Вајгл, Ховит и Кукан...

Завршија одвоените средби во седиштето на ЕУ на еврокомесарот Јоханес Хан со двајцата лидери на партиите од албанскиот блок, Али Ахмети и Мендух Тачи. По средбата Ахмети изјави дека државните интереси мора да бидат пред партиските.
„Сметам дека е најважно сите политички партии да се надминат себе си и да ги стават државните интереси пред партиските. Гледам подготвеност кај сите политички партии да ја решиме политичката криза и да ја вратиме земјата на правиот пат. За ова се многу заинтересирани и меѓународните пријатели“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од 13 часот во резиденцијата на евроамбасадорот Аиво Орав во Пржино, Хан се сретна со претседателот Зоран Заев. Веднаш по него следи средбата на еврокомесарот со премиерот Никола Груевски. Се чини дека Хан со поединечни средби подготвува терен за она што ќе се случува во 17 часот, а тоа е лидерска средба, на која покрај претседателите на сите четири поголеми политички партии со еврокомесарот ќе учествуваат и европратениците Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан.
За доцна попладне се очекува лично Јоханес Хан на прес конференција да го објави исходот од разговорите.
За потсетување, посетата на еврокомесарот доаѓа по минатонеделната прес конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев на која истакна дека ги замрзнува преговорите и ќе продолжи со објавување на прислушкуваните телефонски разговори кои ги поседува.
Вчера во Скопје, порака за брзо разрешување на политичката криза и придржување до договорот од втори јуни побара високата претставничка на Стејт Департментот, Викторија Нуланд.
Катерина Топалова
