Ќе продолжи исплатата на К-15

14.07.2015 16:36

Фирмите треба да го исплаќаат регресот за годишен одмор. Низ прсти ќе им се прогледува само на компаниите со финансиски проблеми кои добиле зелено светло од работниците...

Регресот за годишен одмор, популарниот К-15, ќе продолжи да се дава и во наредниот период. Сојузот на синдикатите и Организацијата на работодавачи по двомесечни преговори постигнаа договор. За сите вработени во приватниот сектор ќе важи правото на К-15 во висина од најмалку 40% од просечната месечна нето плата по работник,  исплатена во последните 3 месеци.

Но, прифатени и дел од условите на работодавачите. Ако одредена компанија има  финансиски тешкотии во работењето, предвидениот регрес од 8.400 денари може да биде намален и до симболичен износ. За ова да се случи, работодавачот ќе мора да добие согласност од работниците во фирмата и од Синдикатот.

Важноста на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството се продолжува за уште 2 години. Повеќе од 300.000 работници точно пред една година го остварија правото на регрес за годишен одмор.

 

Дијана Ценевска