Побарувачката на државни станови не стивнува
Станбен квадрат се движи од 795 евра до 1.100 евра во зависност од локацијата. Лани се продадале повеќе од 80 проценти од државните станови. Преку јавното станбено претпријатие се реализира и владиниот проект „Купи куќа, купи стан“...

Се враќа темпото на продажба на недвижности. И покрај политичката криза побарувачката на државни станови не стивнува. Интерес има, а крајната цена ја диктира пазарот. Станбен квадрат се движи од 795 евра до 1.100 евра во зависност од локацијата. Државни комерцијални згради се градат во скопски Аеродром, Центар, Карпош, но и во внатрешноста.
„Се враќаме на една нормала и очекуваме граѓаните повторно да инвестираат, бидејќи таа инвестиција што ја прават граѓаните во купување недвижности е трајна инвестиција“, изјави Цветко Грозданов, директор на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.
Освен комерцијалните станови се продава и се издава под закуп и деловниот простор. Акционерското друштво во следниов период ќе објави оглас за издавање на просториите во катната гаража „Разловечко востание“.
„Овој деловен простор нема да биде деллив, затоа што така е направен, се движи некаде околу 400 квадратни метри на спрат, а ќе го издаваме на одредени сериозни фирми кои сакаат да влезат тука на подолг временски период. Ќе се издава на пет години“, вели Грозданов.
Лани се продадале повеќе од 80 проценти од државните станови. Преку јавното станбено претпријатие се реализира и владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ каде што голем број граѓани видоа надеж за решавање на животното прашање.
Сунчица Николоска
