Решена политичката криза, избори на 24-ти април 2016-та

15.07.2015 13:04

Постигнат договор, политичката криза во државава решена. Ова е епилогот по повеќе од 12 часа разговори на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со лидерите на најголемите политички партии. Предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 24-ти април в година. Сто дена пред изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер, неповрзан со ниту една партија, системско решение што ќе се применува пред секои избори...

Маратонот истрчан, политичката криза решена. Четворицата лидери на најголемите политички партии во земјава со посредство на еврохомесарот Хан се договорија вонредните собраниски избори да се одржат на 24-ти април наредната година. Сто дена пред изборите, односно во јануари, ќе се формира влада која ќе ги подготви изборите на чие чело ќе стои лице номинирано од ВМРО- ДПМНЕ. Овој модел на организација на извршната власт ќе се однесува на сите натамошни избори.

Во владата пред априлските избори, според договорот, од 20-ти октомври годинава, СДСМ ќе има министри за внатрешни работи, како и за труд и социјални работи, кои ќе бидат назначени во консултации со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. На овој датум ќе се назначат и заменици министри со право на вето во министерствата за финансии, земјоделство и информатичко општество. ВМРО- ДПМНЕ, пак, заменици министри ќе има во министерствата со кои ќе управува СДСМ.

Во раните утрински часови исто така е договорено од 1- септември опозицијата да се врати во пратеничките клупи. До 15-ти септември годинава, по договорот меѓу партиите ќе се назначи нов, засебен обвинител кој ќе има целосна автономија за водење на истрагата околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите.

Ова е одличен ден за вашата земја, што ја отвори широко вратата на вашата евроатлантска перспектива, рече еврокомесарот Хан. Според него, ова е совршен момент за Македонија и меѓународната заедница ја препознала потребата да и помогне на земјата, која е подготвена да ги исполни потребните реформи.

„Вечерашниот договор ќе даде можност за натамошно продолжување на препораката за почеток на преговори. Ова треба да им помогне на некои земји членки кои имаа отпор и го блокираа отворањето на преговорите, да се убедат да ја отворат вратата за европската перспектива на земјата“, изјави еврокомесарот Јоханес Хан. 

Ова е европско решение на кризата постигнато заедно со лидерите, рече Хан и дополни дека во текот на разговорите телефонски разговарал со Викторија Нуланд, американската помошничка државен секретар.

Економијата се ослободува од стегите кои ги наметна политичката криза и ќе продолжи да расте, што значи нови работни места и нови инвестиции, изјави лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски. Не дозволивме СДСМ да ги избегне изборите во април, рече Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ преговараше самоуверено  и не им остави ни најмал простор да избегаат од изборите. ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин претседател како и секогаш до сега интересите на државата и интересите на државата и интересите на народот ги ставивме пред личните и пред партиските интереси, знаејќи дека СДСМ ќе ја искористи секоја и најмала можност да избега од изборите. Јас знам дека мнозинството граѓани повторно во април ќе ни ја дадат поддршката и тоа ќе биде историска поддршка и историска победа, затоа што никогаш не ги зиневереивме и затоа што знаат дека тоа е тимот кој носи напредок и успех за Македонија“, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев најави дека од почетокот на први септември опозицијата ќе се врати во Собранието и активно ќе учествува во спроведувањето на постигнатиот договор. Тој очекува фер и демократски избори.

„Изразувам благодарност до претставниците на меѓународната заедница за ангажманот и вложените напори во овој преговарачки процес, во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани. Изразувам благодарност до сите што учествуваа во кампот, до сите кои си ја сакаат нашата Македонија, ја сакаат слободата, демократијата, правдата и европските вредности“, изјави лидерот на СДСМ, Заев.

По лидерската средба и постигнатиот договор меѓу партиите, американскиот и европскиот амбасадор, австрискиот дипломат најави дека следната недела во Брисел, на состанокот на Советот за асоцијација и стабилизација, ќе се разгледа спроведувањето на реформите.

Македонија и Унијата продолжуваат со високиот дијалог за придружување во септември, а на маса ќе биде и извештајот за напредокот на земјата. Според Хан, договорот од 15-ти јули ги отвора сите можности за континуитет на препораките за преговори со Унијата. 

 

Миле А. Ристески