Иванов: Доаѓа време на отрезнување и освестување

15.07.2015 14:34

Ни претстојат предизвици, за кои ни се потребни обединетост, меѓусебна доверба и соработка, рече претседателот Иванов во обраќањето до граѓаните...

Очекувам нормализирање на политичката клима и да се врати целосната посветеност на евроинтеграциите. Токму на ова поле ни претстојат предизвици, за кои ни се потребни обединетост, меѓусебна доверба и соработка, рече претседателот Иванов во обраќањето до граѓаните.

Доаѓа време на отрезнување и освестување, порача шефот на државата, додавајќи оти следува период кога сите институции треба да го покажат својот капацитет и подготвеност да се справуваат со предизвиците.

Со постигнатиот договор сите ја препознавме европската моќ на обединување. Барам, Европскиот совет да ја вреднува покажаната конструктивност на политичките лидери и во најбрзо време да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, како важен предуслов запродолжување на македонската европска интеграција и демократизација, но и како брана за превенција од вакви и слични кризи во иднина. Отсуството на дијалогот и непочитувањето на институциите, се во основата на секоја криза што сме ја имале досега. Затоа, повикувајќи се на овој позитивен исчекор сметам дека сум должен повторно да повикам дека јас, како Претседател останувам отворен за сите добронамерни иницијативи во интерес на граѓаните и државата. Вратата на претседателскиот кабинет останува отворена, нагласи претседателот Иванов.