Храна: Вишокот наместо на отпад- кај сиромашните

15.07.2015 16:30

Една третина од произведената храна завршува на отпад – светската статистика пресликана во Македонија. Банката за храна со апел дo рестораните и граѓаните – вишокот продукти да се донира, наместо да завршува во контејнер...

Остатоци од ручекот, вишок леб - оваа храна најчесто завршува во корпата за отпадоци. Во земјава, граѓаните  годишно фрлаат по седум илјади тони. Проценките се дека ова може да биде доволно како оброк за 14 илјади луѓе. Граѓаните се свесни за проблемот.

„Со ќерката и со сопругата ни останува и фрламе. Еден оброк, толку ни останува.“

„Па не останува, ден - два се изедува. Така не останува.“

„Вишокот што ќе остане сега побрзо се расипува и се фрла. Внимаваме, ама тоа е“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Свадби, матурски и други весеби - статистиката вели за овие прослави во викендите во отпад завршувааат и по 5 тони термички обработена храна. Најчесто затоа што не се внимава колку количествено се сервира оброкот.

„Конкретно за храната што ја правиме за секој гостин, ја правиме да биде идеална колку што тие консумираат. Тоа што би се вратило тоа би било од 2 до 3 насто  од целата храна“, вели Боби Трајковски, менаџер на угостителски објект.

Во земјава извесен период функционира Банка за храна. 330 луѓе секојдневно се снабдуваат со леб и печива обезбедени токму преку овој проект.

„Ако секој од нас погледне околу себе ќе забележи дека секој трет е гладен или сиромашен во нашето непосредно окружување. На тој начин дел од храната што ни останува, верувам дека во една зграда со 10 стана, луѓето во минимум 3 стана имаат потреба да добијат екстра оброк“, изјави Душко Христов - претседател на Банка на храна.

Секое македонско семејство купува и готви повеќе отколку што му е потребно. Затоа и контејнерите се полни со храна. Иако се жалиме на сиромаштија, статистиката покажува дека средно - имотно семејство месечно фрла по 70 килограми храна.

Ова е и светски проблем. Годишно се произведува безмалку 4 милијарди тони храна. Од тоа една третина завршува на отпад.

 

 

Андријана Атанасовска