Грција: Парламентот гласа, народот протестира
„Не на мерките за штедење и не на приватизацијата, борба до победа“ - државниот сектор во Грција на 24 часовен штајк. Земјата е парализирана. Парламентот во Атина гласа за Бриселскиот договор, во кој Ципрас не верува, но се обврза да го спроведе...

Грчкиот Парламент денеска гласа четири нови закони од пакетот мерки што ги бараат меѓународните кредитори. Два од нив се во однос на даноците, за зголемување на данокот на додадена вредност и проширување на даночната основа, како и закон според кој што продавниците ќе смеат да отвораат и во недела и закон кој што ќе ја осигура независноста на грчкиот државен завод за статистика.
„Денеска бараме од Парламентот да гласа за договорот. Не се обидуваме да ја разубавиме состојбата или тешкотииите, но се трудиме колку што можеме да го олесниме болниот ефект од овој договор“, изјави Панос Скурлетис- министер за труд на Грција.
Во меѓувреме се зголемува бројот на членови на Сириза кои што ќе гласаат против новиот договор со кредиторитe. Оваа група ја достигна бројката од 30 противници на новиот Меморандум. Сепак, ова се чини дека не го доведува во опасност вечерашното гласање, со оглед на тоа што новиот договор ја има поддршката од опозицските Нова Демократија, ПАСОК и Потами.
„Грчките граѓани рекоа НЕ за мерките за штедење и НЕ за нов Меморандум. Ние немаме право да го прекршиме тој мандат. Волјата на 62 проценти од народот не може да не се почитува“, изјави Танасис Петракос – пратеник и портпарол на Сириза во Парламентот.
Своето незадоволство од новиот Меморандум, јавниот сектор во Грција денеска го искажува преку 24 часовен штрајк, додека на плоштадот Синтагма пред Паралментот се протестира.
„Ќе чекаме. Невозможно е еден човек да поправи државата што отсекогаш била оштетена, за само пет месеци“, вели граѓанка на Атина.
„Ќе станува се полошо и полошо. Мислам дека нема решение во рамките на Европската Унија. Јас би сакала да ја напуштиме“, изјави друга граѓанка.
Грчката полиција презема специјални мерки за безбедност, поради дојавите за можни напади на владини и државни објекти. Антитерористичкиот оддел пак изразува загриженост поради можна ескалација на состојбата во центарот за време на вечерашните протести, нагласувајќи дека се подготевни за секаков напад вклучително и бомбашки.
Но, интересно е тоа што и премиерот Алексис Ципрас не го крие своето незадоволство од пакетот мерки што треба да се имплементираат. Во последното телевизиско гостување, тој порача дека презема целосна одговрност за тоа што потпишал договор во кој што не верува, но кој што мораше да биде потпишан за да се избегне катастрофа за земјата.
Иако отварањето на банките во Грција е прашање на време, тоа ќе се случи дури по постигнувањето на конечниот договор со Еврозоната, процес кој што може да потрае и еден месец.
Марија Котовска- постојан допиник од Атина за МРТ
