Вашингтон: Блокирани се сите начини Иран да дојде до нуклеарно оружје

16.07.2015 10:18

Со договорот за нуклеарната програма на Иран, светот покажа дека со единство на сојузниците може да се постигнат историски работи. Белата куќа во официјалното објаснување појасни дека со договорот се блокирани сите начини Иран да дојде до нуклеарно оружје...

Договорот за нуклеарната програма на Иран предвидува редовна меѓународна инспекција и остранување на две третини од центрафугите за збогатување на нуклеарен материјал, што ќе се складира во странство. Во наредните 50 години, Иран нема да гради нови нуклеарни реактори. Иран доби остранување на санкциите. Американскиот Претседател вака ја бранеше одлуката за склучување на договорот, што веднаш наиде на спротиставување во Конгресот.

„Со овој договор ги стопиравме сите патишта на Иран кон нуклеарна програма и оружје. Иранската нуклеарна програма ќе биде под силен мониторинг многу години. Без договор тие патишта ќе беа отворени и ќе немаше начин да се запре Иран да се приближи кон создавање на нуклеарна бомба“, изјави американскиот претседател Барак Обама.

Договорот е оценет како голема грешка од страна на Израел, Саудиска Арабија и други арапски земји сојузници на Америка. Поранешни национални советници оценуваат дека договорот што е потпишан е изменет од американските позиции. 

„Ова не се конечни договори. Тешки се за спроведување и многу препреки можат да се јават. И товарот за ова во поголем дел ќе биде на следниот претседател, а не на сегашниот“, вели Стефен Хедли, поранешен национален советник.

Конгресот има два месеци време да го одобри договорот со Иран, но американскиот претседател порача дека ќе стави вето на секој обид за блокада од конгресмените.

Санкциите против Иран треба да бидат укинати откако ќе се донесе решение во Советот за безбедност на Обединетите нации.

 

Ирина Гелевска, постојан допинсик од Вашингтон за МРТ