МВР издаде нови 587 потврди за барање право на азил
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија...

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи, врз основа на измените и дополнувањето на Законот за азил издаде потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на 587 странски државјани кои илегално влегле на нашата територија.
Во периодот од 19.06.2015 до 16.07.2015 година во 08,00 часот, соопшти МВР, издадени се потврди на вкупно 14.311 странски државјани, од кои, 10.765 се од машки пол, 1.835 се од женски, 1.577 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 134 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија 10.336, потоа од Авганистан 1.182, Ирак 761, од Пакистан 510, Сомалија 380, од Палестина 334, Конго 249, Камерун 100, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 16.07.2015 година до Одделението за азил се поднесени 32 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 23 барања се од државјани на Сирија за азил, од нив шест за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко и Алжир и по едно барање од државјани од Египет и Ирак.
