Ал-Атијах победува, Петерхансел се заканува, Рома не се дава
На релито Дакар 2014, натпреварувачите денеска се борат со пустинските предизвици на Атакама. 605 километри е долг специјалот од единаесеттата етапа меѓу Антофагаста до Ел Салвадор во Чиле.
На релито Дакар 2014, натпреварувачите денеска се борат со пустинските предизвици на Атакама. 605 километри е долг специјалот од единаесеттата етапа меѓу Антофагаста до Ел Салвадор во Чиле.
Во вчерашната десетта етапа, најбрз меѓу автомобилистите беше Катарецот Насер Ал-Атијах. Делницата од 631 километар меѓу Икике и Антофагаста во Чиле тој ја мина за четири минути побрзо од легендата на Дакар, Французинот Стефан Петерхансел, кој драстично ја намали негативата зад водечкиот Шпанец Нани Рома на нешто повеќе од две минути. Рома заврши трет, заостанувајќи речиси 14 минути зад Ал-Атијах. Катарецот е трет во генералниот пласман со вкупен минус од 46 минути. Сите се возачи на Мини. Од оваа етапа релито е осиромашено за уште еден ветеран на релито, Шпанецот Карлос Саинц, којшто заврши со полесни повреди по инцидентот со неговото СМЏ Баги.
Шпанецот Хоан Бареда Борт на Хонда го оствари четвртиот етапен успех меѓу мотоциклистите, со речиси осум минути подобар резултат од тимскиот партнер, Португалецот Хелдер Родригеш. Петкратниот победник, Французинот Сирил Депре од Јамаха беше трет, со речиси девет минути послабо време. Ова беше меѓу ретките етапи во којашто во топ 3 не беа членовите на КТМ, но иако петтопласиран, Марк Кома го сочува врвот во севкупниот поредок со предност од 44 минути во однос на Бареда.
