Промовирана програмата за самовработување на лицата со инвалидност

16.07.2015 14:31

Владата дава финансиска помош од околу 490.000 денари за оние кои ќе сакаат да отворат сопствен бизнис и да станат самостојни и успешни лица. Огласот е објавен денес и ќе трае 30 дена...

Промовирана новата мерка за самовработување на лица со инвалидност. Владата дава финансиска помош од околу 490.000 денари за оние кои ќе сакаат да отворат сопствен бизнис и да станат самостојни и успешни лица. Огласот е објавен денес и ќе трае 30 дена. Може да аплицираат сите невработени лица со телесна попреченост. Надлежните велат дека со овие мерки им се дава огромна помош на сите ранливи категории да ја остварат својата идеја.

„Со програмата за самовработување на лица со инвалидност се планира да се ваботат вкупно 360 лица, од кои 120 со инвалидност кои ќе креираат сопствен  бизнис и дополнителни 240 невработени лица кои ќе се вработат во новоформираните претпријатија“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, нагласи дека кандидатите кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кои имаат потреба од дополнителни вработувања можат да аплицираат за грант кој ќе поддржи самовработување на основачот на компанијата и дополнително вработување на најмногу две лица. Во тој случај средствата на вкупниот грант ќе изнесуваат 494 илјади денари.

Оваа програма ја поддржаа Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, Васко Марков, претседател на Националниот сојуз за глуви и наглуви и Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи лица.