Зелено светло за новиот предлог- закон за завршување на процесот на лустрација
На Комисијата за политички систем, зелено светло за новиот предлог- закон за завршување на процесот на лустрација на први септември, предложен од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во дебатата дискусии дека лустрацијата беше задоцнет процес, но и дека е исправање на една историска неправда.

Не се точни тврдењата на лустрираните дека процесот бил недемократски и неевропски. Лустрацијата ја спроведоа сите екс-комунистички земји,кои подоцна станаа членки на Европската Унија,вели еден од предлагачите на законот,Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека жртви не се оние кои се лустрирани,туку оние кои биле кодошени. Според Рафис Алити од ДУИ, лустрацијата ја постигна целта.
Лустрацијата е задоцнет процес и не ја исполни функција, смета Роза Топузова-Каревска. Според неа, Комисијата имала селективен пристап во одлуките. Тврди дека се уште има лица соработници на тајните служби.
Македонското општество имаше потреба од лустрацијата. Целта не беше пресметка со неистомислениците, вели Димовски. Потсети дека пратениците имале можност за поднесување претставки до Комисијата за евентуални случаи на кодошење. Со завршувањето на лустрацијата ќе се намали конфликтноста во општеството, а тоа беше сугестија и во извештајот на Прибе.
Според предлог- законот, од 1-ви септември, комисијата за верификација на фактите, нема да има мандат да покренува нови постапки, а за оние што се почнати, ќе се завршат според постојната регулатива. Комисијата ќе треба да го предаде и регистерот на соработниците и целокупната документација на Државниот Архив.
Милчо Велески
