Пресуда: Три години затвор за Верушевски

16.07.2015 15:07

Пред да биде изнесен од судницата, Верушевски на новинарите им подели писмена изјава во која меѓу другото вели дека ова не е правда и дека судот не го признава...

Не го вратил службениот пиштол кога престанал да работи во МВР. Поради ова, поранешниот прв човек на тогашната ДБК, Зоран Верушевски е осуден на три години затвор. Оружјето со марка “Црвена Застава“ го задолжил во 82-та година кога стапил на работа во Министерството и оттогаш е кај него. Полицијата го запленила во јануари годинава, при претрес на неговиот стан во скопски Аеродром.

Пред да биде изнесен од судницата, Верушевски на новинарите им подели писмена изјава во која меѓу другото вели дека ова не е правда и дека судот не го признава.

„И јас како и Зоран Заев овој суд не го признавам, затоа што тој не може да го сопре времето на слободата и на демократијата кое со сета своја силина доаѓа во Република Македонија“ – стои во соопштението потпишано од Верушевски.

За недозволено држење оружје, Верушевски ја доби најниската казна, ако се смета дека законот предвидува и до 10 години робија. Судијката појасни дека кај Верушевски не може да се земат во обзир олеснителните околности бидејќи не ја признал вината.   

 

Анита Димитријевска