Армијата ќе и помага на полицијата за справување со бранот бегалци
Македонската армија ќе и помага на полицијата на северната и на јужната граница, за справување со бранот бегалци. Ова денеска го изјави претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов на граничниот премин Богородица. Од средината на јуни, кога се донесени измените на Законот за азил, полицијата регистрирала влез на преку 14 илјади мигранти во земјава...

За справување со бранот мигранти во испомош на полицијата ќе бидат ангажирани припадниците на АРМ. Претседателот Иванов го најави ова по посетата на јужната гранична линија од каде доаѓа големиот наплив од илегални влегување на странски државјани. Бројката на издадени потврди за изразување намера за азил по измените на Законот достигна 14 илјади 311.
„Неопходно ќе биде на полицијата да и се излезе во пресрет, бидејќи има потреба од дополнителни ангажмани, бидејќи во овој дел станува збор за околу 50 километри кадешто претежно доаѓаат бегалците од Грција во Република Македонија. Јас како претседател, и владата, мора да превземеме активности за ангажирање на армијата да и помогне на полицијата во справување со овие предизвици. Армијата ќе биде ангажирана да го обезбеди овој дел од границата, што го споменав, од околу 50 километри на јужниот дел, но и да се обезбеди северниот дел кај Табановце. Исто така, треба да се помогне на полицијата во обезбедувањето на коридорот 10, преку кој транзитираат сите бегалци“, изјави претседателот Иванов.
Досега преземените мерки и активности се во согласност со оние кои ги презема Европската унија нагласи македонскиот претседател. Потенцираше дека, се што ќе биде преземено од страна на ЕУ во иднина, мора и Македонија да го превземаме, бидејќи, како што рече во последно време има закани од насилен екстремизам и радикализам од Блискиот исток и од северна Африка.
Иванов го посети и пукнтот каде МВР ги издава потврдите и каде на мигрантите им се укажува лекарска помош. На граничниот премин „Богородица“ од надлежните припадници на МВР, претседателот беше информиран за севкупната состојба на терен. До сега барање за азил поднеле 32-ца, најмногу од нив Сиријци.
Наташа Гркова- Петрушевска
