Мексико само нерешено со Тринидад, Канада елиминирана

16.07.2015 15:57

Меч за уживање и неверојатни пресврти одиграа Мексико и Тринидад и Тобаго, кој заврши нерешено 4 :4...

Заврши групната фаза од натпреварите на фудбалскиот златен куп, каде што од 12 селекции 8 се пласираа во 1 /4финалето. Меч за уживање и неверојатни пресврти одиграа Мексико и Тринидад и Тобаго, кој заврши нерешено 4 :4. Третото коло во “Ц“ групата го донесе досега најатрактивниот натпревар на шампионатот, во кој Мексико водеше со 2 :0 со головите на Агилар во 32 и на Вела во 51 минута. Но, противникот одигра фантастични 12 минути во кои постигна 3 гола и направи целосен пресврт. Серијата ја почна и ја заврши Камингс во 55 и во 67 минута, во меѓувреме и Џонс во 58 придонесе за преземање на водството. Во трилер завршницата уште три гола, а започна со израмнувачкиот на Гуадрадо во 88 минута. Противничкиот играч Џонс со автогол му донесе водство на Мексико во 90 –та, но во третата минута од судиското надополнување за бод се избори Маршал, поставувајќи ги конечните 4 : 4.

Токму со тој погодок Тринидад го задржа првото место во групата со 7 бода и во четвртфиналето ќе игра со Панама, која беше третопласирана во “А“ групата. Мексиканците не се најсреќни од расплетот во групите, затоа што завршија на второто место во својата, и за противник ќе ја има второрангираната од “Б“ групата Костарика, која минатата година беше едно од најпријатните изненадувања на СП во Бразил. Куба со победата над Гватемала го фати последниот воз за нокаут рундата, каде што ќе игра со домаќинот САД. Последната четвртфинална двојка е меѓу островските ривали Јамајка и Хаити, откако фудбалерите од земјата на реге музиката беа убедливо први во “Б“ групата, а Хаити втори во “А“ конкуренцијата, каде што го исфрлија Хондурас. Покрај нив елиминирани се и селекциите на Гватемала, Ел Салвадор и Канада, која беше кодомаќин на 23 издание на “Златниот куп“ на кој Мексико е најуспешен со 9, пред САД со 5 титули.