Самовработување на лица со инвалидност

16.07.2015 16:31

Државата со речиси 60 милиони денари ќе го поттикнува самовработувањето на лицата со инвалидност. Проектот треба да ги интегрира во пазарот на трудот и да создаде еднакви шанси за работа. Со добар бизнис план, оваа ранлива категорија ќе доаѓа до грантови за почнување бизнис. Огласот е веќе објавен...

Нова владина мерка за самовработување на лица со телесна попреченост. Од денес тие ќе може да аплицираат на огласот за да отворат сопствен бизнис. Финансиската поддршка преку грантови изнесува 490.000 денари. Aнализите покажуваат дека најголем дел од невработените  во земјава се лица со инвалидитет. Невладините организации задоволни. Велат, мерките се одлична шанса овие граѓани да обезбедат егзистенција и да станат самостојни и успешни луѓе.

„Преку оваа програма добар дел од лицата со телесен инвалидитет ќе се стекнат со можност да аплицираат за отворање на свои сопствени фирми, добар дел од нив се надевам дека ќе успеат да го започнат бизнисот“, изјви Бранимир Јовановски – Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет.

„Ова е нешто ново за нас, за прв пат во историјата, за нас глувите, овој бизнис што се нуди, се заблагодарувам, мене ме чуди тоа што е направено досега и многу ме радува“, вели Васко Марков, претседател на Националниот сојуз за глуви и наглуви.

„Би ги повикал нашите членови да земат учество во овој конкурс и да ги искористат сите можности“, рече Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи лица.

Надлежните се надеваат дека преку оперативните мерки и проектот „Македонија вработува“, овие граѓани полесно ќе дојдат до работно место. Владата за оваа намена  одвои околу 59 милиони денари.

„Со програмата за самовработување на лица со инвалидност се планира да се ваботат вкупно 360 лица, од кои 120 со инвалидност кои ќе креираат сопствен  бизнис и дополнителни 240 невработени лица кои ќе се вработат во новоформираните претпријатија“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

„Средствата на вкупниот грант ќе изнесуваат 494 илјади денари од кои 310 илјади денари за реализација на самовработување и отворње на бизнисот и 184 илјади денари за дополнителни две вработувања“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Покрај финасиската поддршка од владата, апликантите ќе добијат и обука за претприемништво и развој на бизнис идејата.

„Прво ќе ги детектираме оние лица, кои согласно Комисијата, можат да работат. Од нив ќе се направи селекција, кои ќе одат на обука и ќе произлезат бизнис планови“, рече директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

Огласот е објавен денес и ќе трае еден месец.

 

Виткторија Милевска