Нова инвестиција

Американски „Леар“ ќе вложи 15 милиони евра во изградба на фабрика зоната во Тетово

16.07.2015 16:44

Потпишан е договорот за инвестицијата на „Леар“. Водечкиот добавувач за автомобилски седишта ќе отвори фабрика во зоната во Тетово. Менаџментот проектира до 3.000 вработувања...

Набрзо од производствениот  погон на американската корпорација „Леар“ во Гостивар ќе бидат испорачани првите навлаки за автомобилски седишта што ќе бидат вградувани во некои од 300–те модели на возила на глобални автомобиски гиганти. Деловниот план е амбициозен. Со вложување на 15 милиони евра да се дојде до годишен извоз од 180 до 190 милиони евра и да се вработат голем број обучени  млади во Полошко.

„Нашиот план е да почнеме со приближно 150 до 200 вработени до крајот на оваа година, односно 800 вработени до крајот на 2016-та. Во новата фабрика во Тетово очекуваме од 1.500 до 2.000 вработени до крајот на 2018-та, со можност за натамошна експанзија штом тоа ќе го овозможат условите“, изјави Рафаел Гаљарди-потпредседател на корпорацијата „Леар“.

Тимот на министерот Самак напорно работел 2 години на убедување на американските менаџери дека Македонија е најдобрата дестинација за инвестирање.

„Да се привлече една инвестиција е процес што вообичаено трае неколку години и е слично на еден маратон, но кога континуирано се привлекуваат вакви инвестиции  тоа е веќе учество во еден ултра маратон“, изјави министерот за странски инвестиции, Веле Самак.

Со оваа инвестиција покажуваме дека водиме сметка и за рамномерниот економски развој на земјата, нагласи вицепремиерот Пешевски, потсетувајќи дека лани Македонија беше најдобро рангирана во Европа со зголемување од 220% на бројот на ново отворени работни места во однос на годината пред тоа.

Владата вети поддршка  на сите инвеститори.

„Сакам да им порачам дека владата ќе остане со нив како партнер и во понатамошниот период. Партнер кој е тука да им помага во секој момент, како што тоа го правиме со сите други компании и на тој начин стекнавме репутација на влада пријателски расположена кон бизнисот“, нагласи премиерот Никола Груевски.

Груевски најави натамошно подобрување на деловниот амбиент, затоа што тоа дава ефекти. Потврда се многубројните странски инвестиции и 30-тото место на листата на Светска банка.

Американската корпорација е втора од листата на 500 најголеми компании на „Форчн“ која инвестира во земјава. Има 132 илјади вработени и фабрики во 34 земји.

 

Свето Николовски