МРТ на протестите во Атина: Револт откако референдумското НЕ стана ДА
Својот гнев дел од граѓаните го манифестираа судирајќи се со полицијата. Фрлаа молотови котели и камења, а ги оштетија и околните банкомати и излози. Полицијата пак, возврати со солзавец...

Грчкиот Парламент со големо мнозинство од 229 гласа рече ДА за новиот пакет мерки за штедење. Додека траеше расправата, на плоштадот Синтагма пред Парламентот незадоволството на граѓаните кулминираше во насилство и нереди.
На истото место пред само десетина дена, грчките граѓани го славеа успехот на реферндумот. Вчера вечер пак, тие излегоа за да го искажат својот револт поради тоа што референдумското НЕ стана ДА.
Својот гнев дел од граѓаните го манифестираа судирајќи се со полицијата. Фрлаа молотови котели и камења, а ги оштетија и околните банкомати и излози. Полицијата пак, возврати со солзавец.
На протестите се чини дека не беше загарантирана ниту безбедноста на новинарските екипи. Доказ за тоа е и опожареното возило за телевизиски пренос во живо.
Освен возилото на грчката телевизија „Антена“, во протестите настрадаа и неколку новинарски екипи. Според информации на грчките медиуми, еден новинар е застрелан во ногата, а повредени се и двајца странски фоторепортери.
Граѓаните на протестот со кои што МРТ поразговара велат дека ова што се случува не е демократија и дека и понатаму ќе се борат, во име на народот, а пред се на работничката класа.
„Се противиме на овие нови мерки што оваа Влада, против волјата на граѓаните, сака да ги наметне во Грција која што во последните пет години е уништена од мерките на ММФ и Тројката. Референдумското НЕ што го кажавме пред неколку денови требаше да биде јассен одговор за новите имерки и за Владата. Ние сакаме повторно да се бориме, за да победат луѓето и работничката класа, а не невработеноста и останатите последници што овие мерки ги оставија врз нашите животи“, вели за МРТ еден помлад Грк.
„Делумно го поддржуваме премиерот Алексис Ципрас, затоа што сметаме дека многу силно се бореше за правата на народоот. Но, од друга страна, не ни се допаѓа системот што се обврзаа да го следат. Се противиме на плановите на Европската Унија, а особено на Германија“, вели друг.
Надвор неред, а во Парламентот тензична и мачна расправа. Пакетот мерки беше изгласан со голема поддршка на опозицијата, додека најгласни противници беа некои од најистакнатите членови на СИРИЗА, како поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис и министерот за енергетика Панајотис Лафазанис.
„Избрите што ги имав на располагање беа многу конкретни. Првиот беше да се прифати договорот со кој што во голема мера не се согласувам. Вториот беше банкрот и воопшто не сакам да разговарам за неговите последици. Имаше и трет избор кој што сеуште постои како опција, а тоа е планот на Шојбле за консензуален излез на Грција од еврото и паралелна валута. Ако тоа го сакаме, сеуште има време да го побараме, затоа што тој ни го нуди“, изјави премиерот Алексис Ципрас пред гласањето.
Реформите опфаќаат измени во даночното законодавство, во социјалната помош и ограничување на предвременото пензионирање.
Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ
