Финансиска поддршка за снимање на 22 филмски проекти

16.07.2015 15:28

Одобрен е буџет од речиси 89 милиони денари, а најголем дел од парите ќе завршат кај младите режисери...

Агенцијата за филм ги соопшти резултатите од првиот рок за пријавување на конкурсот. Одобрен е буџет од  речиси 89 милиони денари, а најголем дел од парите ќе завршат кај младите режисери.

„Карактеристика е тоа што најголем дел од поддржаните проекти се на млади режисери од новите генерации кои завршуваат или штотуку завршуваат факултети за филм“, рече директорот на Агенцијата Дарко Башески на прес-конференција.

Согласно новата законска регулатива, односно Законот за филмска дејност, Конкурсот за финансирање проекти за производство е отворен во текот на целата година, а одлучувањето по доставените филмски проекти е двапати годишно. Вториот рок за аплицирање е до 1 септември 2015  и резултатите ќе бидат објавени до крајот на годинава.

Максимален износ за долгометражен игран филм кој може да се добие на конкурсот е 60 милиони денари, односно 25 милиони денари за дебитантски филм.