Струшките плажи - безбедни

17.07.2015 12:39

Вкупно 13 спасители од Црвениот крст во Струга се распределени по струшките плажи кои поседуваат концесија. За безбедноста на децата кои летуваат во струшкото одморалиште „Мајски Цвет“ оваа година Црвениот Крст го дуплира бројот на спасители...

И оваа година Црвениот Крст на Р.Македонија со Црвениот Крст од Струга на концесионерите на струшките плажи им обезбедија соодветен број на спасители согласно Законот.

„Поголемите плажи, концесионерите, сите изнајмија спасител и плажите веќе се обезбедени, а тоа кажува дека и оваа година туристите и капачите на струшките плажи ќе бидат безбедни. Почнувајќи од Машка плажа, па се до Изгрев, сите плажи се обзебдени со спасител, само малите плажи каде што нема концесионери или работат на диво. Ние стоиме отворени за сите кои ќе сакаат да обезбедат спасител“, вели Адуриме Даути, генерален секретар на Црвен Крст- Струга.

Оваа година Црвениот Крст обезбеди и дополнителни спасители кои ќе се грижат за безбедноста на децата од ранлива категорија кои што летуваат во детското одморалиште во Струга.

„За тие деца владата обезбеди по двајца спасители на секоја група деца во одмаралиштето, па оваа година сигурноста е на повисоко ниво. Тие деца имаат и специјално обезбедување кое го врши Црвен Крст на Република Македонија, односно општинската организација од Струга“, нагласува Даути.

Концесионерите на струшките плажи и годинава во соработка со Црвениот крст обезбедија тринаесет спасители на вода, чија обврска претставува во текот на целиот ден да бидат присутни и да се грижат за безбедноста на капачите. 

 

Јованчо Наумоски