Тенеси: Убиството на маринците- акт на „домашен тероризам“

17.07.2015 12:57

Абдулазиз нападот го извршил со автоматско оружје во движење, а агентите на ФБИ потврдија дека во неговиот автомобил било најдено големо количество оружје. Локалните жители изјавија дека во близина на инцидентот биле уапсени и две жени...

ФБИ го претресува домот на 24-годишниот Мохамед Јусуф Абдулазиз од Кувајт, кој вчера ги изврши нападите во регрутните центри на морнарицата во Тенеси, при што беа убиени четворица маринци. Неколкумина се повредени, а една жена е во критична состојба. Абдулазиз нападот го извршил со автоматско оружје во движење, а агентите на ФБИ потврдија дека во неговиот автомобил било најдено големо количество оружје. Локалните жители изјавија дека во близина на инцидентот биле уапсени и две жени.

„Ова е тажен ден за нас, четворица маринци го загубија животот, неколкумина повредени се хоспитализирани. Екипите на ФБИ го презедоа случајот и во скоро време ќе ги дознаеме мотивите за нападот“, изјави Енди Берк, градоначалник на Тенеси.

Истрагата ја презеде ФБИ, но вклучени се и други федерални агенции. Нападот е оквалификуван како акт на „домашен тероризам“. ФБИ соопштија дека се уште е рано да се шпекулира за мотивите за нападот, се истражува дали напаѓачот бил поврзан со исламска држава.

Ги разгледуваме сите аспекти зошто е извршено ова дело, дали е домашен или меѓународен терористички акт, во моментов можам да кажам дека се работи за кривично дело. Сега сме во прелиминарна фаза на истрага“, изјави Ед Реинхолд –ФБИ.

Американскиот претседател Барак Обама повика на целосна истрага, додека секретарот за одбрана Ештон Картер нападот го оцени како безумен акт на насилство. Инцидентот  предизвика дебата во Америка дали на маринците и на другите воени лица треба да им се дозволи носење оружје, бидејќи како што предупреди ФБИ неколкупати, тие би можеле да бидат цел на терористички напади. По нападот во Тенеси се зголемени мерките за безбедност.

 

Марија Петковска