Државната кардиохирургија рамо до рамо со светските клиники

17.07.2015 14:44

На новата Државна кардиохирургија во Скопје, познатиот кардиохирург Омер Џемаили, за два дена извршил шест успешни операции. Условите за работа и опремата овде се според највисоките светски стандарди, оценува професорот...

Државната кардиохирургија рамо до рамо со светските реномирани здравствени институции, оценува врвниот кардиохирург Омер Џемаили. Во изминативе два дена со тимот македонски кардиохирурзи извршил шест операции. Сите пациенти се во добра здравствена состојба и немаат потреба од интензивна нега.

Џемаили кој е во раководството на одделот за кардиохирургија при универзитетската градска болница „Триемли“ во Цирих, вели дека новата државна кардиохирургија ги има сите услови како и најмодерните светски болници.

„Технички е многу добро спремена, се работи на тоа да ги имплементираме работните стандарди, за да можеме да се споредиме со сите други болници. Техниката е тука, мислам дека за брзо ќе се имплементира и тоа и ќе можеме да се споредиме со сите светски клиники“, смета кардиохирургот Џемаили.  

Професор Омер Џемаили годишно работи околу 350 операции од сите видови. Редовен професор е по кардиохирургија и торакална хирургија на универзитетот Гете во Франкфурт, редовен професор на универзитетот во Цирих и визитинг професор на „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Досега на Државната кардиохирургија се извршени 92 операции. Објектот беше отворен пред неполн месец. На простор од 750 квадратни мeтри се инвестирани 100 милиони денари. Опремeна е според сите светски стандарди и има 50-тина вработени.  Плановите се годишно да се оперираат 500 пациенти.

 

Викторија Милевска