Инфраструктура: Нови патишта за посилна економија

17.07.2015 15:53

За поконкурентна економија се потребни инфраструктурни проекти и подобри патишта. Изградбата на експресниот од Велес до Штип е во полн ек. Градежните работи на 26-километарската делница, вредни 15 милиони евра, треба да финишираат во првата половина од 2016-та година, а следниот месец треба да падне договор за уште 5 регионални патни правци...

60 проценти од градежните работи во втората фаза од изградбата на експресниот пат Велес- Кадрифаково се завршени. Во моментов градежниците работат на поставување на првиот слој на асфалт. Очекувањата се до крајот на идниот месец со асфалт да се покријат 8,9 километри. Вкупната инвестиција за овој зафат чини 6,4 милиони евра. Зголемена безбедност, побрз транспорт ова се само дел од придобивките на општините кои гравитираат на делницата, која содржеше 13 црни точки.

„Од нашата лева страна тука е новата индустриска зона, за којашто владата ни ја дозволи трансформацијата, за која веќе го имаме првиот инвеститор кој ќе го објавиме за десеттина дена. Со овој пат се добива и квалитет на заинтересираност на странските инвеститори“, вели градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.

„Изградбата на автопатот исто така е голема придобивка, а наскоро очекуваме исто така да почне и изградбата на експерсниот пат до Кочани, така што сметам дека со тоа што источна Македонија ќе добие модерни паштишта, ќе дојдат инвеститори, народот ќе ни патува побрзо до главниот град“, изјави градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

За Министерството за транспорт и врски значајно е што рехабилитацијата на делницата се одвива според планираната динамаика. Но, важно е и што според планираната динамика се одвиваат работите и за отпочнување на градба на нови делници.

„Очекувам наредниот месец да се потпишат договори за пет нови регионални правци: Дојран-Николиќ, Мокрено-Смолари, Брвеница-Чегране, Ресен-Буково и Ново Село–Маврово-Дебар. Македонија со ова ќе добие над 70 километри нови патишта, модерни со сигнализација како што доликува на секоја европска држава“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Покрај изградбата на нови автопатски делници, модернизацијатана локалните патишта подеднакво се работи и на подобрување на регионалната патна инфраструктура.

„Моментално од 46 локални патишта кои беа предвидени за оваа година, 15 се веќе завршени, 21 се во работа, така што до крајот на годината очекуваме сите патни правци да бидат завршени“, вели директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојанов.

Изградбата на експресниот пат од Велес до Кадрифаково започна во ноември 2013 година и чини 14,6 милиони евра.

 

Дијана Иванова