Буџет: Приходите поголеми за 14%, државната каса во добра кондиција

17.07.2015 15:56

Вицепремиерот порача - приходите се поголеми од планираното, државната каса е во добра финансиска кондиција. Домашни стопанственици очекуваат – со капиталните инвестиции да се стимулираат секторите кои генерираат економски раст...

Буџетските приходи повисоки за 14 проценти во однос на истиот период лани, за 6 отсто прибрани пари повеќе од планираното. Според првиот финансиер, државната каса во првата половина од годинава е во добра кондиција. Бизнисмените, пак, во првата реакција за ребалансот со став – со капиталните инвестиции да продолжи да се стимулира економијата.

„Ако ги анализираме макроекономските индикатори, евидентно е дека влијанието што го имаше политичката нестабилност, резултираше со мала стагнација на економијата. Важно е секторите кои што беа двигатели на економијата да продолжат со раст и затоа капиталните инвестиции за кои се предвидени дел од средствата за буџетот дополнително да го стимулираат градежништвото, а предвидените субвенции- земјоделието“, смета Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори.

Зголемувањто на приходите во буџетот е одлична вест, вели Рафајловски од регионалната комора на Скопје, но додава дека загрижува намалената наплата од ДДВ. Според него, враќањето на данокот на добивка  може да генерира развојна компонента во економијата. 

„Тоа се огромни приходи од кои државата мора и може да генерира помош за нови работни места, помош за компаниите, поевтини кредити. Од таа причина сметам дека враќањето назад на овој данок ги зголеми приходите и тоа ќе овозможи на Република Македонија повеќе развојно да ги употребува овие пари“, смета Горан Рафајловски,  Стопанска комора на град Скопје.

Според Ставрески, буџетската измена не е голема по обем, вклучува поместување каде политиките, мерките и проектите тоа го налагаат. Буџетските расходи се зголемуваат на 5,2 милијарди денари, се обезбедуваат повеќе средства за капитални инвестиции.

„Преку постојано зголемување на капиталните инвестиции, јас спомнав дека износот за капитални инвестиции се зголемува за милијарда и 115 милиони денари, меѓу кои еден од најстратешките проекти е гасификацијата и други, да се обезбеди повисока стапка на раст преку изградба на автопати на железнички пруги и слично“, вели министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Со новиот ребаланс на буџетот пари не се кратат кај ниту еден буџетски корисник. Проекцијата за растот на БДП е поместена на 3,5 проценти, дефицитот ќе изнесува 3,6 проценти.  

 

Дијана Ценевска