Нови инвестиции- нови работни места во Кичево и Полог
За два дена – две нови инвестиции. КСС почна да ја гради фабриката во Кичево, се потпиша доворот за инвестицијата на американски Леар. И двете компании, пред да се преселат во новите објекти, во фазата на браунфилд вложување ќе отворат 500 работни места до крајот на годинава. 2016-та е проектирано да ја завршат со над 1.500 вработени...

„Ки Сејфти Системс“ и американската Леар почнаа со реализација на инвестициските потфати. Првата ја гради фабриката во Кичево, втората го потпиша договорот. Работници се ангажираат уште пред да почнат да функционираат новите фабрики во зоните.
„Во целиот овој период и додека се градат гринфилд капацитетите, овие компании ангажураат работна сила. Процесот на вработување е жив, тој е активен и се очекува дека до крајот на годината, без разлика што гринфилд капацитетите нема да бидат изградени, во овие две фабрики ќе бидат работно ангажирани 500 лица“, вели владиниот портпарол Алексадар Ѓорѓиев.
Американската Леар во Полог инвестира 15 милиони евра. Планира годишен извоз од 180 милиони евра и вработување на голем број млади обучени кадри.
„Нашиот план е да почнеме со приближно 150 до 200 вработени до крајот на оваа година, односно 800 вработени до крајот на 2016-та. Во новата фабрика во Тетово очекуваме од 1.500 до 2.000 вработени до крајот на 2018-та , со можност за натамошна експанзија штом ќе се овозможат услови“, вели Рафаел Гаљарди- потпретседател на корпорацијата Леар.
„Ки Сејфти Системс“ веќе произведува делови за автомобили во браунфилд погонот во Кичево. Три линии веќе се во функција.
„До крајот на 2015-та планираме да вработиме над 300 луѓе“, нагласува Богдан Петруди- директор на КСС.
Владата вети поддршка на инвеститорите и подобрување на деловниот амбиент.
„Сакам да им порачам дека владата ќе остане со нив како партнер и во понатамошниот период. Партнер кој е тука да им помага во секој момент, како што тоа го правиме со сите други компании и на тој начин стекнавме репутација на влада пријателски расположена кон бизнисот“, изјави премиерот Никола Груевски.
Освен вработувањата, се зголемува и извозот од слободните зони. Според последите податоци на дирекцијата, растот во првото полугодие изнесува 31%, извозот надминал 700 милиони евра.
Наташа Гркова- Петрушевска
