Вардар со Митјиланд, Работнички со Трабзон?

17.07.2015 20:05

Резултатите од првите средби на гостински терен даваат надеж дека Македонија може да има фудбалски репрезент во Европа и во август...

Вардар и Работнички имаат активни резултати пред реваншите од европските фудбалски купови, па иако се уште не треба да размислуваат за наредната рунда, со внимание ја проследија денешната ждрепка којашто ги одреди нивните евентуални противници во следното коло. Вардар би можел да се соочи со Митјиланд, а Работнички со Трабзонспор.

Резултатите од првите средби на гостински терен даваат надеж дека Македонија може да има фудбалски репрезент во Европа и во август. Вардар одигра 0-0 во Никозија и со големи амбиции го очекува реваншот против Апоел во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. Доколку го мине, македонскиот првак во третото ќе игра со дански Митјиланд или со Линколн од Гибралтар. Митјиланд е апсолутен фаворит, но пред своја публика оствари победа со минимални 1-0 против дебитантот во квалификациите од елитното друштво. Оттука, доколку го прескокнат кипарскиот,  црвено-црните ќе овозможат двомеч со уште еден тим против којшто впечаток е дека може да успешно да се игра. Линколн нема силно педигре, а Митјиланд има поголемо меѓународно искуство, иако лани ја освои првата првенствена титула во Данска. Пред една и пред три години Митјиланд играше во баражот за групната фаза од УЕФА Европа лигата, а најдалуку стигна во сезоната 2002-ра/2003-та кога во претколото ја мина прилепска Победа со вкупни 3-2, дома победи со 3-0, на гости загуби со 2-0. Во првото коло данскиот тим го совлада Вараждин, а во второто од тогашниот куп на УЕФА беше елиминиран од Андерлехт.

Резултат за надеж има и Работнички во УЕФА Европа лигата. Поразот во Летонија со 1-0 значи дека „дебармаалци“ се пред ист предизвик како и со Флора во првото квалификациско коло. Доколку повторно го положат тестот, пред нив најверојатно ќе застане Трабзонспор кој е апсолутен фаворит во пресметката со Диферданж од Луксембург. Триумфот со 1-0 на првиот дуел во Турција тоа не го покажува, но ако се мине според очекувањата, Работнички би добил шанса да игра со Трабзон кој има шест шампионски и по осум куп и суперкуп трофеи на Турција. За разлика од претходните два случаја, во евентуалното трето претколо, Работнички ќе биде домаќин на првиот натпревар закажан за 30-ти овој месец. Реваншот би бил на гости на 6-ти август.