Совет за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Македонија во Брисел

20.07.2015 10:12

Советот ќе го разгледа исполнувањето на политичките и економските критериуми, и финансиската помош во изминатиот период, како и спроведувањето на спогодбата за стабилизација и асоцијација...

Денеска попладне во Брисел ќе заседава Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Унија. Советот ќе го разгледа исполнувањето на политичките и економските критериуми, и финансиската помош во изминатиот период, како и спроведувањето на спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Ќе се дискутира за политичкиот развој во изминатите месеци и за планот за спроведување на итните реформски приоритети за пристапување во областите правда и внатрешни работи, фундаментални права, слободата на медиумите и реформата на јавната администрација.

Со состанокот ќе претседава министерот за надворешни работи Никола Попоски, а копретседавач е словачкиот заменик премиер и министер за надворешни работи и европски прашања, Мирослав Лајчак.

На состанокот ќе учествуваат и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан.

За време на работната посета, Попоски и Бесими ќе остварат средби и со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и потпретседател на Европската Комисија, Федерика Могерини.

Заклучоците на Советот се клучни за извештајот за напредокот на Македонија, кој ќе се разгледува во септември во Брисел. Во Скопје, еврокомесарот Хан побара деблокирање на почетокот на преговорите со Унијата.