Македонија погодна и атрактивна дестинација за мото- туризмот

20.07.2015 12:00

Директорот на магазинот „Motociclismo“, Федерико Аливерти ја предводеше групата од дванаесет моторџии кои сметаат дека Македонија е погодна и атрактивна дестинација за мото- туризмот.

Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Македонија беше домаќин на информативно патување за претставници на Магазинот „Motociclismo“, едно од најстарите списанија за мотоциклизам во светот кое одбележа 100  годишен јубилеј со патување низ нашата земја.

Директорот на магазинот, Федерико Аливерти ја предводеше групата од дванаесет моторџии кои сметаат дека Македонија е погодна и атрактивна дестинација за мото- туризмот.

Република Македонија како земја домаќин доби максимална видливост и шанса да достигне  илјади посетители преку јасна порака на насловната страница на списанието и статии на најмалку 40 страници. „Motociclismo” сними видео за промотивни цели кое се прикажува на нивниот веб-канал и во текот на EICMA (Меѓународерн саем за мотоциклизам во Милано, Италија, со повеќе од 600.000 посетители годишно).

Македонија ќе има доминантно место со конкурентна мото-тура која очекуваме успешно да се пласира во Италија имајќи предвид дека италијанските туристички агенции се подготвени да ја вклучат во своите каталози. Воедно ќе биде препорачана програма за мото-тура во Македонија која ги опфаќа Скопје, Маврово, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Берово, Кратово и Куманово, соопштуваат од Агенцијата.

„Motociclismo“ е водечко списание за мотоциклизам во Италија со месечен тираж од 160.000 примероци. Нивната веб страна има над еден милион посетители месечно, Фејсбук страна со 270.000 следбеници, а на нивниот You tube канал гостуваат познати личности меѓу кој и шампионот во мотоциклизам Валентино Роси.