Умерен оптимизам во Вардар пред реваншот со Апоел

Еуфорија нема, шансите се 50:50

20.07.2015 14:07

Погледите на „црвено-црната“ армија навивачи којашто ќе го исполни „Филип Втори“ по неколку години одново достигнуваат далеку, но најважно е што меѓу играчите нема еуфорија...

Ремито без голови во Никозија ги разбранува „вардаровите“ води. Нашиот најтрофеен многу пореално цели кон подолго европско лето, а на хоризонтот срамежливо ѕирка дури и меѓународна фудбалска есен. Погледите на „црвено-црната“ армија навивачи којашто ќе го исполни „Филип Втори“ по неколку години одново достигнуваат далеку, но најважно е што меѓу играчите нема еуфорија.

„Ништо не е завршено. Сега шансите се 50/50. Ќе ни треба подобра игра, одважност и верба во нашите можности дека и под притисок ќе можеме да продолжиме во наредното коло“, вели Никола Глигоров. “Ќе се обидеме да останеме смирени, голем дел од нас и претходно сме играле пред многу публика, очекувам таквиот притисок да ни биде помош, а не хендикеп“, размислува фудбалерот од средниот ред.

Во Кипар Вардар се бранеше. Овој пат ќе мора поинаку. Играчите се подготвени и за 120 минути фудбал, но стратешка идеја е целта да се оствари во регуларно време.

„Само не споменувајте пенали. Најмалку од се посакувам тие да треба да решаваат. Тогаш веќе не станува збор само за изведувачите на пеналите, туку 90 проценти е психологија“, вели тренерот на Вардар, Сергеј Андреев.

Затворен за тактичките планови и за составот, рускиот стратег знае дека сепак многу нешта ќе зависат од ривалот.

„Секој тим игра толку колку што противникот ќе му дозволи. Во Никозија Апоел нам не ни дозволи да го нападнеме, но убеден сум дека овде ќе играме поотворено и подобро“, смета Андреев.

Реваншот од второто квалификациско коло на Лигата на шампионите Вардар-Апоел е во вторник од 20 часот - со пренос на МТВ.