Терористичкиот напад во турскиот пограничен град Суруч, расте бројот на жртви
Веста што го обиколува светот е терористичкиот напад во турскиот пограничен град Суруч. Експлозијата се случила во локалниот културен центар, во кој престојувале 300 младинци. Од другата страна на границата, во Сирија, се водат жестоки борби меѓу џихадистите и курдите...

Активисти жртви на терористички напад на Исламска Држава на турска територија – најмалку 27 луѓе загинаа, а речиси 100 се повредени во градот Суруч, кај сириската граница. Експлозијата одекнала во градината на локалниот културен центар во кој престојувале околу 300 младински активисти. Се испитува дали се работи за самоубиствен напад, бидејќи Суруч се наоѓа веднаш од другата страна на границата од Кобане, каде што со месеци се водат жестоки борби меѓу џихадистите и курдските борци, а илјадници бегалци се засолнаа на турска страна.
„Загрижени сме дека бројот на загинати ќе се зголеми. Сторителите ќе бидат брзо најдени и изведени пред суд“, порача турскиот министер за внатрешни работи Себахатин Озтурк.
Активистите, планирале да преминат во сирискиот град Кобане, кој во моментов е под контрола на курдските сили и да им помогнат на бегалците и во обновата на градот. Експлозијата одекнала додека групата појадувала во градината.
„Тешко е да се опише со зборови. Итно се потребни донации на крв. Жителите на Суруч се повикани да донираат“, раскажува еден од активистите кој се нашол на 100 метри од детонацијата.
Истовремено со нападот во Суруч, неколку експлозии одекнале и во центарот на Кобане, кој е постојано гранатиран од Исламска Држава, откако ја изгуби контролата.
„Ако е ИДИЛ, нема да се задржат на Суруч, наскоро ќе завршиме како Сирија“, изјави Мухсин Кизилкаја, пратеник од владејачката Партија на правдата и развојот.
Премиерот Ердоган, кој е во посета на Кипар, бил информиран за случувањата во Суруч. Неговиот заменик жестоко го осуди нападот, порачувајќи дека терористите нема да ја постигнат целта да ги уништат единството, интегритетот и мирот на нацијата.
Ивана Салтировска
