Ќе се набавува опрема за скопските поликлиники

20.07.2015 16:06

Целта е да се намалат листите на болнички упати. Кадарот е веќе подготвен за професионално вршење на дијагностичките процедури- вели министерот Тодоров, а со прегледи ќе стартуваат веднаш штом се стигне опремата...

Ќе се купуваат нови медицински апарати за опремување на скопските поликлиники. Целта е да се намалат листите на болнички упати. Кадарот е веќе подготвен за професионално вршење на дијагностичките процедури- вели министерот Тодоров, а со прегледи ќе стартуваат веднаш штом се стигне опремата.

„Министерството за здравство ќе отпочне постапка за набавка на нов остео-дензитометар за комплетна дијагностика на остеопороза на коските, за разлика од постојниот кој поставувал само ориентациона дијагноза – предикција на ова заболување, нов ЕЕГ апарат кој е значаен за дијагностика на повеќе невролошки заболувања, нов дигитален рентген апарат, како и 15 холтери за 24-часовна дијагностика од кои 5 за срцева акција, 5 за притисок, 5 комбинирани“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Холтерите ќе се набавуваат затоа што најмногу пациенти имале потреба од нив. Но, исто така по холтерите, голем е бројот и на пациентии кои се упатувале за ехо-кардиографија, спирометрија и за очни интервенции. Поликлиниката Јане Сандански ќе добие нов компјутерски томограф.

„Со набавка на нова опрема, со просторно уредување и со трите огласи на преземање специјалисти од ПЗУ во ЈЗУ навистина кадровски се зајакнавме со обезбедување втори смени, меѓутоа и отворање нови кабинети со главен акцент на поликлиниките кои беа најоддалечени од централното градско подрачје и на тој начин ги доближивме услугите од секундарното ниво во овие поликлиники кон местото на живеење“, истакна Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Со приемот на нови лекари и со отворањето на специјалистички одделенија во скопското јавно здравство, за 24% е намален бројот на упати кон болниците. Скопското здравство е организирано во 9 поликлиники и 2 заводи во кои работат 107 лекари специјалисти.

 

Анита Димитријевска