Топлотниот бран ја вжешти и линијата на „Ало докторе“
Од главоболка, симптоми на повраќање, убод од инсект, до изгореници по телото. Пеколното време ја вжешти линијата на „Ало докторе“. Лекарите делат совети- препораките се да се конзумират повеќе течности и да не се излегува во текот на денот помеѓу 11 и 17 часот...

Човек во поодминати години има вртоглавица поради екстремно жешкото време, бара совет на линијата „Ало докторе“.
„Би ви препорачала да не излегувате во текот на денот помеѓу 11 и 17 часот. Течности, чаеви, кисело млеко, јогурт- тоа е мојата препорака. Така ќе го регулирате и крвниот притисок“, советува д-р Снежана Макревска- специјалист по општа медицина.
Од главоболка, симптоми на повраќање, убод од инсект, до изгореници по телото - пеколното време ја вжешти линијата на „Ало докторе“. Лекарите делат по стотици совети дневно. Иако еден од нив е да не се излегува кога е најјако сонцето, граѓаните велат- обрските мора да се завршат.
„Мораме да одиме на работа, си носам вода, што се мора се мора.“
„Не излегувам надвор, само на работа и дома.“
„Под сенки и со течности, само тоа, друго нема, многу е топло“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
За сите што мора да излезат од дома, мобилизирани се тимовите на Црвениот Крст. Додека трае жолтата фаза, на автобуските постојки на граѓаните им делат вода - една од мерките за заштита од топлотниот бран. Ако треба ќе даваат и прва помош.
„Досега помогнавме во 8 случаи, од кои 7 транспорти до клинички центар. Се пожалиле на тешкотии во дишењето. Досега се поделени околу 1.800 шишиња со вода“, вели Арѓент Чињафи- Црвен Крст.
Дури и со вода, на вжештениот асфалт тешко се издржува.
Сончево и многу топло - температурата го достигна 40-тиот степен. Метеоролозите предупредуваат на опасното УВ зрачење кое и денеска достигна индекс 9 - вредност која за неколку минути може да предизвика изгореници по телото.
Андријана Атанасовска
