Расте потрошувачката на вода и струја

20.07.2015 16:42

Зголемена е потрошувачката на вода и на струја. Од Водовод велат дека критични точки постојат во високите зони...

За 15 проценти е зголемена потрошувачката на вода во топлите денови- велат од јавното претпријатие Водовод. Ако Скопје троши 270.000 кубни метри, деновиве потрошувачката  достигнува и над 300.000. Вода има доволно, но критични точки постојат во високите зони и на некои места каде што водата се троши неконтролирано- објаснуваат надлежните.

Расте и потрошувачката на струја. Само во првите 19 дена од јули во метрополата биле потрошени 91.500  мегават часови електрична енергија или за 10 проценти повеќе во споредба со претходните месеци.

Од продавниците за бела техника велат дека во последниве години се повеќе се купуваат клима уреди. Цени има за секој џеб, од поевтините 12.000 денари, па до инверторите кои чинат до 80.000 денари.

Спас од горештините, граѓаните бараат и во автомобилите кои имаат еркондишн.

При употребата на климите во летниот период, најмногу треба да се внимава на температурата помеѓу надворешниот и внатрешниот простор, која не смее на биде повисока од 5 до 6 степени, како и честите влегувања и излегувања во климатизирани простирии.

 

Дијана Ценевска