28 загинати, стотина повредени- бомбашкиот напад во Суруч го извршила 18-годишна девојка
Глетката била ужасна – мртви тела и крв насекаде, покриени со транспарентите со кои се фотографирале. Првите шпекулации се дека го извела 18-годишна девојка, бомбаш самоубиец од Исламска Држава...

Само неколку моменти пред фаталната експлозија, една група се фотографирала, а другата појадувала во градината. 28 активисти загинаа, а најмалку 100 се повредени во напад врз културниот центар во турскиот град Суруч на сириската граница. Глетката била ужасна – мртви тела и крв насекаде, покриени со транспарентите со кои се фотографирале. Првите шпекулации се дека го извела 18-годишна девојка, бомбаш самоубиец од Исламска Држава.
„Тешко е да се опише со зборови. Итно се потребни донации на крв. Жителите на Суруч се повикани да донираат“, раскажува еден од активистите кој се нашол на 100 метри од детонацијата.
Истовремено неколку експлозии одекнале и во центарот на Кобане, кој е постојано гранатиран од Исламска Држава, откако го ослободија курдските борци. Волонтерите од Сојузот на социјалистичката младина планирале да ја преминат границата и да им помогнат на бегалците и во обновата на градот.
„Загрижени сме дека бројот на загинати ќе се зголеми. Сторителите ќе бидат брзо најдени и изведени пред суд“, порача турскиот министер за внатрешни работи Себахатин Озтурк.
Премиерот Ердоган, кој е во посета на Кипар, бил информиран за случувањата во Суруч и жестоко го осудил терористичкиот напад. Неговиот заменик порача дека терористите нема да ја постигнат целта да ги уништат единството, интегритетот и мирот на нацијата.
„Ако е ИДИЛ, нема да се задржат на Суруч, наскоро ќе завршиме како Сирија“, изјави Мухсин Кизилкаја, пратеник од владејачката Партија на правдата и развојот.
Суруч се наоѓа веднаш од другата страна на границата од Кобане, каде што со месеци се водат жестоки борби меѓу џихадистите и курдските борци, а илјадници бегалци се засолнаа на турска страна.
Ивана Салтировска
