Дебата за финансирање на јавниот сервис

20.07.2015 17:26

Преку дигитализација до модерен радиодифузен сервис со HD технологија. Македонската радиотелевизија продуцира 15 илјади часови програма. Пред четири години, наплатата изнесуваше само 28 проценти, денес речиси 75 насто. Буџетот e тежок 14,5 милиони евра. И колку за информација на германскиот јавен сервис изнесува девет милијарди евра. Дебата за финансиската стабиолност на МРТ...

Базата на податоци за граѓаните кои плаќаат радиодифузна такса безмалку е 100 проценто прочистена, а граѓаните се повеќе веруваат во МРТ. Во 2011-та наплатата изнесувала 28 проценти, а сега таа изнесува 74 отсто- овие податоци се слушнаа на дебатата за финансиската стабилност за јавниот сервис. За граѓаните да не плаќаат високи провизии за сметките, МРТ отвори сметки во сите банки. Приходите се исклучителен сегмент за фунционирањето на јавниот сервис, но целиот приход од таксата се дели на неколку институции- објасни министерот Ивановски.

„Директорите кои што се во МРТ, се сосема независни од Министерството за финансии или од Владата на РМ, кога станува збор за средствата кои им следуваат нив, бидејќи тие кога ќе бидат ставени на сметка, според планот кој го има Министерството, тие редовно се префрлаат на сметка на МРТ“, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

„МРТ се модернизира“, вели извршниот директор Марјан Цветковски. Преку дигитализација до модерни услови за работа и HD технологија, МРТ продуцира 15.000 часови програма за сите генерации. Цветковски потенцира дека телевизијата и радиото одат на квалитет, без притоа да се бркаат рејтизите како што го прават тоа комерцијалните радиодифузери.

„Ние сме единствени кои издигитализиравме 3.000 часа архиви од ’66-та, ’67-ма,’68-ма па наваму, коишто се на филмски ленти и тие веќе ги имаме во дигитална HD форма. ХРТ сеуште пишува стратегија, а РТС не верувам ни дека имаат стратегија. Од 1995-та година до минатата година, платите во МРТ не беа покачени ниту за 1 процент. Минатата година платите ги покачивме за 10 проценти, а оваа година со јунската плата, оваа што веќе е земена, е покачена за 10 проценти“, изјави извршниот директор на МРТ, Цветковски.

За поголема независност и квалитет, МРТ мора да има постојани средства, сметаат новинарските здруженија. Споредбено со другите држави, ако германскиот јавен сервис има буџет од 9 милијарди, а најмал е на Aндора 3,6 милиони, но со далеку помал број на жители, буџетот на МРТ изнесува недоволни 14,5 милиони евра.

„Да се одвои 1 процент од националниот буџет, кој изнесува околу 30 милиони евра. Овие средства би се поделиле на 12 месечни рати“, вели првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани.

Ова е една од дебатите организирана за јавниот сервис. Во иднина ќе следуваат и други со цел подобрување на целокупниот пакет што го нуди МРТ. Јавниот сервис има основна задача да едуцира информира, но и да забавува. Сопствената продукција е еден од заштитните знаци.

 

Миле А. Ристески